Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против О.И. (32) од скопско Студеничани, вработен на работно место референт матичар во Управа за водење на матични книги и Д.К. (28) од Скопје, поради сомнение за кривично дело злоупотреба на лични податоци.
Првопријавениот, во текот на април 2021 година, без поднесено барање и без согласност издадена од мајката, како законски застапник на малолетно лице, изготвил и со свој потпис и печат на Управата за матични книги, заверил Извод од матична книга на родени и изготвениот извод му го дал на второпријавениот, кој бил неовластено лице да располага со таквиот извод.
Второпријавениот, неовластено и спротивно на закон, во два наврата го искористил изводот, односно личните податоци на малолетното лице.
Тој го употребил во постапка пред Министерството за правда, Управа за водење на матични книги и во поднесена тужба од негова страна пред суд против оштетената мајка.