Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, за време на дводневната посета на Турција за учество на шестиот Меѓународен самит за жените и правдата, оствари билатерална средба со министерката за семејство и социјални политики на Република Турција, Махинур Оздемир-Ѓокташ.
Средбата на министрите беше можност за разговор на одредени прашања кои се во надлежност на двете министерства, со размена на позитивни искуства кои би значеле подобрување на досегашните политики и пракса.
Двете земји имаат долгогодишна соработка во областите кои ги покриваат, а потврда за тоа се склучените договори за соработка во областа на трудот, социјалната сигурност и вработувањето, како и потпишаната изјава за намера за соработка на полето на социјалната политика, каде што се опфатени прашањата поврзани со социјалните услуги за семејството, жените, децата, старите лица и лицата со попреченост.
Македонија и Турција успешно го спроведуваат Договорот за социјално осигурување, со кој македонските и турски државјани ги остваруваат правата од здравственото осигурување и здравствената заштита, пензиското и инвалидското осигурување, каде се вклучени правото на старосна пензија, правото на инвалидска пензија, правото на семејна пензија, остваруваат право на осигурување во случај на несреќа на работа и професионална болест, право на осигурување во случај на невработеност и додаток за деца, соопштија од кабинетот на Лимани.
Тој истакна дека инвестирањето на Република Турција во Република Северна Македонија е од голема важност, земајќи предвид дека тоа ќе генерира и нови вработувања и подобрување на демографската состојба на државата. На средбата стана збор и за младинските политики кои Министерството ги опфаќа во насока на создавање на можности за младите и нивно задржување во земјата, како и инклузијата на ранливите категории на граѓани, децата, лицата со попреченост, Ромите. Притоа беше нагласена важноста на семејството како основна клетка во општеството и оттука и важноста на политиките, кои имаат цел поддршка на семејствата.
Страните истакнаа заложби за зајакнување на соработката, а тоа ќе се потврди и со потпишување на нов меморандум за соработка меѓу двете министерства за областите што се во нивна надлежност.
Текстот Лимани – Оздемир-Ѓокташ: Македонија и Турција се пријателски земји, поддршката и размената на искуства се од огромно значење е превземен од МАКФАКС.