Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше средба со дел од македонските научници коишто се на листата на најцитирани и највлијателни научници на светско ниво од сите области за 2020 година, публикувана од Универзитетот Станфорд oд САД.
Помеѓу топ 2% најцитирани и највлијателни научници на светско ниво од сите области се најдоа Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, Леонид Грчев, член на МАНУ, Валентин Мирчески од Институт за Хемија од ПМФ – Скопје, Рубин Гулабоски од Факултет за медицински науки на Универзитетот Гоце Делчев – Штип, Трајче Стафилов и Иван Грозданов од Институт за Хемија од ПМФ – Скопје.
На листата е и Ратко Јанев, член на МАНУ, кој почина минатата година.
Изборот е направен врз основа на опсежна анализа на релевантни индикатори како објавени трудови, цитираност, h-index на цитираност, број на поминати години од првиот објавен труд на научниците, како и вкупен импакт во соодветното поле на истражување.
Од Кабинетот на Пендаровски соопштија дека на средбата со него, научниците го информирале претседателот за нивните научно-истражувачки активности, како и за перспективите и потенцијалите на областите во коишто секој од нив работи. На средбата се размениле мислења и за низата предизвици коишто значително го усложнуваат неопходниот развој на науката и истражувачката дејност во земјава.
„Упатувајќи честитки за импресивните достигнувања на нашите научници, претседателот Пендаровски ја нагласи потребата од зајакнување на соработката меѓу државните институции, науката и бизнис секторот, бидејќи развојот на секое општество е неминовно врзан со инвестирањето во образованието. Во тој контекст ја нагласи неговата лична заложба за промовирање и поддршка на проекти чија цел е поттикнување на научната и истражувачката работа кај младите“, се наведува во соопштението.