Испадот на далекуводот од ТС Скопје 4 кон ТС Бунарџик и пожарот во близина на трансформаторската станица, беа причина за прекин на снабдувањето со електрична енергија во поголем дел од Скопје, делови од Велес и Овче Поле.
Од МЕПСО наведоа дека овие два фактори го условиле испаѓањето од погон на двата 400/110 кV трансформатори, а со тоа и испадот на целата трафостаница Скопје 4 во населбата Пинтија.
„Диспечерите на АД МЕПСО во најбрз може рок воспоставија напон во најголем дел од населените места и таму е нормализирано снабдувањeто со електрична енергија. Дефектите се изолирани и се работи на нивно отстранување. Во оваа прилика АД МЕПСО ги информира граѓаните дека и во текот на вечерва се можни краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија но единствено во насока на сoздавање услови нашите стручни екипи да ги отстранат преостанатите дефекти“, соопштија од МЕПСО.