Министерот за здравство, Фатмир Меџити, денеска беше во посета на Општата болница во Гостивар по повод набавката на нов лапароскоп на одделот за урологија.
Меџити рече дека со ова првпат во областа на урологијата ќе се извршуваат лапароскопски интервенции во болницата и ќе нема потреба пациентите да се упатуваат во Скопје за овој тип интервенции.
Лапароскопската и ендоскопската опрема е набавена од Министерството за здравство во вредност од 10,5 милиони денари.
„Со оваа инвестиција значително се унапредува специјалноста урологија во оваа болница, а воедно се проширува опсегот на здравствени услуги што се обезбедуваат во установата. Сакам да истакнам дека изминатиот период за установата набавивме и подвижен рендген-апарат со C-рака со дигитален детектор, во вкупна вредност од 7,7 милиони денари“, рече Меџити.
Министерот оцени дека овие инвестиции се показател за континуираното унапредување на условите за третман на пациентите во установата.
Текстот Меџити: Нов лапароскоп за гостиварската болница, ќе нема потреба граѓаните да патуваат во Скопје за овој тип интервенции е превземен од МАКФАКС.