Министерот за здравство, Беким Сали, претставници на семејството на Обединетите нации (ОН) во Северна Македонија и претставници од димпломатскиот кор ја посетија локацијата на мобилната гинеколошка клиника во Чешиново – Облешево денес, за да го видат спроведувањето на овие услуги на терен. Целта на воспоставувањето на мобилни гинеколошки клиники е да се овозможи зголемен пристап до гинеколошки услуги, особено за најранливите жени и девојчиња во тешко достапни региони што беа под големо влијание на пандемијата од Ковид-19.
„Заедничката Програма „Безбедни и иновативни здравствени услуги во време на Ковид-19 во Северна Македонија” се покажа како успешна активност со цел подобрување на пристапот до сексуално и репродуктивно здравје, имунизацијата и услуги за поддршка на родово базирано насилство на жените, адолесцентите и децата, со посебен фокус на најранливите категории во оддалечените места и недоволно опслужените области”, рече Сали.
Во изминатите три месеци, мобилните гинеколошки клиники спроведоа прегледи во неколку општини – Свети Николе, Врапчиште, Градско, Лозово и Чешиново – Облешево. Имплементацијата на овие услуги е поддржана преку проектот „Безбедни и иновативни здравствени услуги во време на Ковид-19, во Северна Македонија, финансиран од Фондот на Обединетите нации за одговор и заздравување од Ковид-19.
„Една од најголемите предности на оваа програма е можноста брзо да се делува за цела низа од здравствени потреби, често директно кај лицата со најголем ризик и во регионите со слаб пристап до овие услуги”, рече Росана Дуџак, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија.
„Уште поважно е тоа што активностите и услугите што се воспоставени преку оваа заедничка програма се инвестиција во иднината, за зголемен квалитет на здравствените услуги за сите, без оглед на Ковид-19 пандемијата”, додаде таа.
Преку Програмата се воведени неколку иновативни здравствени услуги, како мобилните гинеколошки клиники што посетуваат потешко достапни региони, а вклучувајки и регистар за е-имунизација, чија цел е да се подобри собирањето на податоци и пресметка на опфатот со вакцинација, комуникација со население што има отпор кон вакцинација, и зголемување на свеста за сексуалното и репродуктивно здравје, како и за родово-базираното насилство.
Програмата е насочена кон ранливи категории на жени, девојчиња и деца, особено тие што живеат во оддалечени региони од земјата, а што би имале големи придобивки од здравствени услуги поврзани со сексуално и репродуктивно здравје, имунизација и психо-социјална поддршка. Имплементацијата на програмата, според информациите на надлежните институции, започна во јануари 2021 и ќе трае до крајот на март 2022.