На предлог на Министерството за надворешни работи, Владата ја разгледа и усвои информацијата за предлог-реорганизација на економската дипломатија, во насока на промоција на националните економски интереси во странство, при што беше задолжено Министерството за надворешни работи да ја спроведе реорганизацијата на економската дипломатија.
Се задолжува Министерството за надворешни работи во рок од 5 работни дена од усвојувањето на iнформацијата да формира меѓуресорска работна група со претставници од: Канцеларијата на претседателот на Владата, kабинетот на заменик-претседателот на Владата за економски прашања, Министерството за надворешни работи, Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии, Министерството за животна средина и просторно планирање, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Агенција за промоција и поддршка на туризмот и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, за подготовка на Акциски план за економска промоција на Република Северна Македонија во странство. Се задолжува Министерството за надворешни работи врз основа на Акцискиот план да ги планира потребните финансиски средства за 2021 година и наредните години за имплементација на проектот за реорганизација на економската дипломатија, се вели во владиното соопштение.