Во организација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги и Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) се одржа панел-дискусијата „Политичкото рекламирање и интегритетот на изборите“. Целта на настанот беше да се поттикне меѓуинституционален дијалог за предизвиците на изборниот интегритет во однос на политичкото рекламирање.
На отворањето на настанот се обратија директорот на АВМУ, д-р Зоран Трајчевски, и Јоана Косма, директорка на ИФЕС во РСМ. Исто така, на настанот зедоа учество повеќе засегнати страни, кои дискутираа за разните аспекти на медиумското опкружување за време на изборите.
Претставници на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, Државниот завод за ревизија, Државната изборна комисија и Државната комисија за спречување на корупцијата дискутираа за предизвиците во правната рамка за платено политичко рекламирање, искуствата од претходните изборни процеси и факторите што влијаат на поткопување на транспарентноста на политичкото рекламирање.
Во делот посветен на политичкото рекламирање во новите законодавни иницијативи на Европската Унија, претставниците на европските регулаторни тела за медиумите од Италија и Словачка споделија информации за правилата за регулирање на политичкото рекламирање во зајакнатиот кодекс против дезинформации од 2022 година и регулативата за транспарентност и таргетирање на политичкото рекламирање.
Текстот Одржана панел-дискусија посветена на политичкото рекламирање и интегритетот на изборите е превземен од МАКФАКС.