„Кирил Пецаков, градоначалник на општина Охрид, си доделил сам на себе 15.000.000 денари општински пари, односно пари на охриѓани. Имено, Пецаков се јавува како 100-процентен сопственик, односно 250 акции во градскиот Ракометен клуб Охрид АД Охрид 2013 Охрид со ЕМБС 6723136“, велат од партијата Левица.
„Така, бившиот ракометар Пецаков, а сегашен градоначалник, си ги пикнал рачињата во медот и заедно со овластеното лице Ристо Китески, братучед на секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, за чиј непотизам Левицата – Охрид веќе во неколку наврати ја информира охридската јавност, неизвршните членови, новинарот Горан Момироски, Виктор Мизо (поранешен прв човек на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони – ДТИРЗ), Наум Бабачев и Славчо Ристески, близок соработник на Пецаков, инаку вработен во ЈП ‘Комуналец’ и директор на ГРК ‘Охрид’ си добиле од Општина Охрид дури 15.000.000 денари. и тоа:
– 15.000.000 денари директна поддршка;
– 600.000 денари за меморијалниот турнир „Крсте Андоновски-Усташ“.
Да напоменеме дека спортските клубови се непрофитни здруженија, кои се финансираат од членарина, донации и сл.
Левицата – Охрид го повикува ОЈО Охрид да ги истражи податоците што во медиумите проциркулираа во јавноста, кои всушност претставуваат информации од јавен карактер и доколку се докаже вина, Пецаков да одговара во согласност со член 353 од Кривичниот законик.
Ако Кирил Пецаков е градоначалник, не значи дека е недопирлив. Законите во Република Македонија треба да важат за секој граѓанин еднакво“, се додава во соопштението на партијата Левица.
Текстот „Пецаков фатен со рачињата во медот – си доделил 15 милиони денари општински пари“, велат од партијата Левица е превземен од МАКФАКС.