Социјалните мрежи и медиумите се преполни со фотографии на кои се гледа како еден од основачите на клубот „Ванчо Михајлов“ е во друштво на Христијан Мицкоски и други високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ како реакција на денешната изјава на Антонијо Милошоски од опозициската партија.
„Да биде иронијата поголема постои и фотографија на која основачот на клубот носи маичка бреднирана токму со името на Антонио Милошоски. ВМРО-ДПМНЕ за време на 11-годишниот режим потроши стотици милиони евра за да ја ретушира македонската историја и да го девалвира значењето на НОБ и затоа оваа партија во којашто ништо не е променето нема кредибилитет да зборува“, посочуваат од СДСМ.
Претходно денеска, Милошоски кажа дека бугарската провокација е последица од гласањето на СДСМ и ДУИ за бришење на АСНОМ од Уставот.
„64 пратеници на СДСМ и нивната коалиција во декември 2018 година гласаа за бришење на одлуките на АСНОМ од Уставот на Република Македонија и кога вие гласате за бришење на одлуките на Антифашистичкото собрание од Уставот, тогаш ова се последиците“, посочи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.