Министерот за надворешни работи, Бујар Османи и Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска остварија средба со Клеман Бон, државен секретар за европски прашања во Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција.
Османи истакна дека разговарале за европското досие на Северна Македонија и во таа насока потенцијалите на Француското претседателство за напредок во нашите европски интеграции.
“Денес добивме јасни и недвосмислени пораки за поддршка од страна на Франција; пораки за нашата подготвеност за почеток на преговорите, како и за улогата на Франција во овој процес. Го информирав г-нот Клемен Бон за создадената нова политичка клима меѓу двете нови влади во Северна Македонија и Бугарија, која очигледно покажува една нова енергија, нова иницијатива во нашите меѓусебни односи, што говори и за сериозноста и посветеноста на двете земји за да се постигне напредок. Ние ги разбираме грижите на ЕУ; потребата за трансформација на Унијата, за нејзино продлабочување пред нејзиното проширување, и нашата позиција е тука јасна – ние силно ја поддржуваме Конференцијата за Иднината на Европа, особено во контекст и на новата Методологија за преговарање, која ја сметаме и за еден успешен предвесник на целиот процес. Секако зборувавме и за актуелните предизвици на целиот континент, со посебен фокус кон состојбите во и околу Украина – за кои изразивме заеднички став дека треба да бидат вложени сите напори за дипломатско надминување на предизвиците, преку активни чекори за де-ескалација на состојбата во регионот, особено од страна на Русија”, изјави Османи.
Маричиќ изјави дека ја истакнале посветеноста на нашата држава на договорот за дијалог со Бугарија и за негување на добрососедските односи.
“Ги повторивме заложбите на новата Влада за текот на реформите, зајакнувајќи го интензитетот, особено во делот на владеење на правото, борбата против криминалот и корупцијата и други области. Исто така ја истакнавме нашата посветеност на договорот за дијалог со Бугарија и за негување на добрососедските односи. Би сакале да видиме резултати од овој нов пристап, инвестираме многу енергија во новиот пристап на двете Влади и веруваме дека отворениот дијалог ќе донесе резултат во изнаоѓањето на решение, врз основа на европските вредности.
Сакаме да ја прошириме нашата заложба за зајакнување на нашите институции и да ги подготвиме заедно со Европската Комисија и земјите членки, вклучувајќи ја и Франција за зајакнување на нашите институции и нивната подготвеност за почеток на пристапните преговори.Северна Македонија е спремна да испорача резултати и ја очекуваме француската поддршка во нашите реформи”,изјави Маричиќ.
Државниот секретар за европски прашања во МЕНР на Франција избави дека продолжуваат разговорите со новата Влада за европската иднина на патот кон членство во ЕУ на Северна Македонија.
“Во улогата што ја имаме како претседателство со ЕУ и членки на ЕУ Ве охрабруваме во овие дискусии и ќе бидеме на располагање целосно достапни да го поддржиме, помогнеме или да го олесниме процесот. Се надевам дека во наредните недели, во наредните месеци ќе можеме да ја надминеме оваа етапа за отворање на дискусиите околу преговарачката рамка што беше предложена пред неколку месеци, бидејќи е многу важно за стабилноста и просперитетот на регионот на Западен Балкан и на Европската Унија, воопшто. Значи, ние сме посветени, оптимисти и претпазливи бидејќи дискусиите сеуште траат. Верувам дека постои добра волја, во дискусиите меѓу Софија и Скопје, но и во Европската Унија”, изјави Бон.