„Уште позагрижени сме сега, отколку пред да почне состанокот. Нашите очекувања како Влада беа дека од страна на Градот ќе слушнеме некаков план или некакви реални потреби за кои ние како Влада ќе можеме да помогнеме за тоа да се реализира, од нивна страна не слушнавме ништо конструктивно. Очајна е состојбата во градот, очајна е состојбата во јавните претпријатија, и како генерален заклуок беше дека немањето комуникација меѓу советничките групи во рамки на Градот Скопје е една фаза од препреките, и затоа градоначалничката предложи до крајот на оваа недела да состави некаков план кој ќе биде презентиран пред советниците, иако нашите очекувања не се големи морам да признаам. Во таа насока ќе почекаме до крајот на неделава да видиме што план ќе се донесе, и врз основа на тоа, ќе носиме заклучоци“, истакна министерот за локална самоуправа Златко Перински, откако денеска со премиерот Христијан Мицкоски остварија средба со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Како влада, додаде тој, можевме да одбереме и да не се мешаме во тековното работење на Градот, но сметаме дека како приоритет ни се скопјани и мораме нешто заедно да придонесеме и да се вклучиме во решавањето на нивните проблеми.
Се разговарало за две јавни претприја, првото Комунална хигиена, таму каде како што посочи Перински, оценуваат дека имаат најакутен проблем и ЈСП каде според Перински, владата оценува дека за десетина дена ќе има многу поголем проблем во јавниот превоз со почнување на школската година.
Рече дека биле изненадени зошто Арсовска не дошла со конкретен план.
„Добро е да се напомене дека од страна на градот беше исто така аргументиран и фактот дека од претходната влада нема исплаќано средства од буџетот за превоз на студентите кон ЈСП и практично тоа е пречката за нормално функционирање на претпријатието.
Согласно ребалансот оваа влада го исервисира практично долгот на јавното претпријатието делот на кредитната линија за набавка на автобуси. Се надеваме дека ќе имаме конструктивност, ќе имаме разбирање пред се на вработените во Град Скопје, пред се во рамките на Советот на Град Скопје, а ние како влада секако стоиме на располагање за се она што можеме во иднина да помогнеме, ќе помогнеме.“
На прашањето дали оставката на Данела Арсовска е решение на проблемите, Перински одговори:
„Состанокот беше во конструктивна насока, да најдеме решение за проблемите. Ако си замине во моментов, тоа е едно решенијата, но мене ми треба системско решение, ние имаме проблем во девет јавни претпријатија. Целосно е кородиран системот во изминатите три години“, рече тој.
Текстот Сега сме уште позагрижени, состојбата во градот е очајна, вели Перински по средбата со Арсовска е превземен од МАКФАКС.