Висококвалитетната инфраструктура го поддржува развојот, го подобрува квалитетот на животот и создава работни места. Сепак, инвестирањето во инфрастуктурата е сложен процес, додека патот од планирање до завршување на градбата е полн со пречки и предизвици. Квалитетната, сигурна, одржлива и отпорна инфраструктура е еден од таргетите што до 2030 година треба да ги остварат 193-те земји потписнички на Агендата 2030 на Обединетите нации во рамки на деветтата цел за одржлив развој (Индустрија, иновации, инфраструктура). Истовремено, одржливата инфраструктура влијае врз остварувањето на сите 17 цели, односно 92 проценти од зацртаните 169 таргети. Инфраструктурата е систем составен од помали системи: мрежните инфраструктурни системи како што се енергетскиот систем, превозот, водоснабдувањето и дигиталните комуникации, но и самостојните системи како болниците, училиштата, индустриските капацитети и институционалните објекти. Средствата, институциите и знаењето од кои се составени овие системи се меѓусебно зависни и можеа значително да влијаат врз одржливиот развој на земјите.
Основната претпоставка врз која се темелат целите за одржлив развој е задоволување на потребите на денешницата без загрозување на можноста идните генерации да ги задоволат сопствените потреби. Имајќи ја предвид масивноста на инфраструктурните проекти, ресурсите потребни за нивно изведување и одржување, но и нивната долговечност, начинот на кој тие ќе бидат имплементирани може во голема мера да придонесе кон остварување на овие цели, но и да предизвика долгорочни негативни развојни последици.
Претпоставката е дека до 2040 година ќе бидат потребни инвестиции во вредност од 97 трилиони долари со цел да се задоволат основните инфраструктурни потреби на глобалното население. Можноста на институциите и професионалците во овој сектор да влијаат позитивно или негативно врз животната околина и добросостојбата на населението е повеќе од очигледна, и налага исклучително внимателен пристап со цел да се направат вистинските избори и да се избегнат грешките од минатото.
Потребни се визионерски, иновативни и системски решенија кои во својата суштина ја имаат добросостојбата на човештвото и планетата: потребна е соодветна инфраструктура направена на соодветен начин.
Како што Канцеларијата за програмска поддршка на ООН (УНОПС) изнесува во извештајот „Инфраструктура за климатска акција“, соодветната инфраструктура бара интегриран пристап кој води сметка за употребата на постојната инфраструктура во однос на идните потреби за развој на долгорочни стратегии за остварување на националните приоритети за одржлив развој кои пак ќе овозможат напредок кон меѓународните заложби.
Откако ќе бидат идентификувани соодветните инфраструктурни проекти, инженерите, финансиерите и изведувачите имаат можност да ги спроведат на соодветен начин, водејќи сметка за нивното влијание врз севкупниот еко-систем. Или, со зборовите на Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш: „Седумнаесетте Цели за одржлив развој бараат ништо помалку од трансформирање на финансиските, економските и политички системи кои ги водат нашите општества со цел да се гарантираат човековите права за сите.“
ПР