Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на учеството на 79. Генерално собрание на Обединетите нации, присуствуваше на состанокот на глобалната коалиција за справување со заканите од синтетички дроги и на дебатата на Советот за безбедност, каде што оствари куси средби со повеќе лидери и претставници на меѓународни организации.
На покана на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, Сиљановска-Давкова присуствуваше на состанокот на глобалната коалиција за справување со заканите од синтетички дроги, што ја предводи САД, со цел обединување на меѓународните напори и преземање координирани акции во справување со заканите од синтетички дроги, кои се во пораст на глобално ниво. На состанокот се обратија американскиот претседател Бајден и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.
Претседателката присуствуваше и на состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации, со кој претседаваше словенечкиот премиер Роберт Голоб, на тема „Одржување на мирот и безбедноста на Украина“, на кој имаше дискусија и беа разменети информации за безбедносната состојба во Украина.
Во рамките на учеството на Генералното собрание на Обединетите нации, претседателката Сиљановска-Давкова оствари средба со извршната директорка на Агенцијата на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Woman), Сима Бахус.
Двете соговорнички споделија искуства за активностите што ги преземаат жените лидери за промовирање и одржување на мирот и одржливиот развој и разменија мислења за чекорите што треба да ги преземат светските лидери, со цел обезбедување континуиран напредок во родовата еднаквост, јакнење на улогата на жените и нивна поголема вклученост во процесите на одлучување и креирање политики.
Сиљановска-Давкова ја истакна подготвеноста на македонските институции за натамошно продолжување на успешната соработка со Агенцијата на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените, како и нејзината силна посветеност за унапредување на севкупната улога на жените.
Текстот Сиљановска-Давкова на дебата на Советот за безбедност на ОН и на состанок на глобалната коалиција за справување со заканите од синтетички дроги е превземен од МАКФАКС.