Финансиската полиција поднесе кривична пријава за вработена во приватна клиника

пред 3 години

Управата за финансиска полиција до скопското основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против една врботена, одговорно лице во Приватната здравствена установа – Специјална болница по гинекологија, акушерство и ортопедија САНТЕ ПЛУС ГРУП Скопје, како и против правниот субјект.

Првопријавената во периодот од 2016 година до 2018 година, со намера да се стекне со противправна имотна корист за себе и за пријавената здравствена установа, во повеќе наврати извршила исплата на парични средства во готово во вкупен износ од 35.097.304 денари по основ на плата и додатоци/бонуси на плата, на поголем број вработени во пријавената здравствена установа, без притоа таквите исплати да ги евидентира во сметководствената евиденција на приватната здравствена установа и без да пресмета, пријави и плати придонеси за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, придонеси за задолжително здравствено осигурување, придонеси за вработување и дополнителни придонеси, како и персонален данок од доход.

Со тоа била причинета штета на буџетот во вкупен износ од 11.609.349 денари.