Џафери во Котор: Реформите се клучен чекор за доближување на регионот во ЕУ

Џафери во Котор: Реформите се клучен чекор за доближување на регионот во ЕУ

пред 8 месеци

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во рамките на учеството на регионалниот самит на лидери во Котор, со мотото „Еден регион, заедничка визија“, се обрати на панелот „Состојбата на терен и идните планови – нов план за раст“. Во своето обраќање истакна дека независно од тоа што Северна Македонија се наоѓаше во предизборен период, за Владата, евроинтеграцијата беше врвен приоритет и беше фокусирана на спроведувањето на приоритетните реформи кои се важни за членството на државата во ЕУ.

„Владата што ја предводам останува посветена на остварувањето на европската агенда, која бара спроведување суштински реформи и усогласување со правото и стандардите на Европската Унија.

Дополнително, го поздравувам усвојувањето на регулативата за механизмот за реформи и раст, со која се обезбедени дополнителни финансиски средства за поддршка на реформите, а чие користење е поврзано со испорачување резултати. Изминатиот период, и покрај фактот што Северна Македонија беше во изборен период, интензивно работевме на финализирање на нашата реформска агенда 2024 – 2027. Последната нацрт-верзија на реформската агенда, одобрена од Владата, беше споделена со Европската комисија на почетокот на мај“, рече Џафери.

Во рамките на овој процес, потенцира Џафери, изминативе два месеца Северна Македонија поднесе предапликација за членство во СЕПА, а Владата објави јавен повик, на кој аплицираа повеќе македонски центри за дигитални иновации.

„Ова се мали, но значајни чекори, кои ја потврдуваат насоката на движење на земјата. Со ист таков ентузијазам и посветеност очекувам да се спроведат најновите патокази, кои се однесуваат на забрзаното приближување кон заедничкиот внатрешен пазар, но и спроведувањето на реформската агенда. И, последно, но не помалку важно – во однос на регионалната соработка ги поддржуваме начелно поставените темели во новиот акциски план за заедничкиот регионален пазар. Имајќи предвид дека сме во период пред избор на нова влада, детаљните активности за кои се надлежни ресорните институции допрва треба да бидат етаблирани и развиени во периодот што следува“, рече премиерот.

Претседателот на Владата на Северна Македонија во своето обраќање потенцира и дека за да успее новиот акциски план за заеднички регионален пазар, на кој напорно работат сите, треба да се деблокира работењето на ЦЕФТА, а Северна Македонија да има свој претставник на највисоко ниво.

„Се надевам дека оваа трасирана патека ќе продолжи да биде водилка и за следната влада на Република Северна Македонија“, истакна Џафери на крајот на своето обраќање.

Текстот Џафери во Котор: Реформите се клучен чекор за доближување на регионот во ЕУ е превземен од МАКФАКС.