„Освојувањето на титулата е моја одмазда на фудбалот и животот“

„Освојувањето на титулата е моја одмазда на фудбалот и животот“

пред 9 месеци

Привремениот селектор на Брегот на Слоновата Коска, Емерс Фае, изјави дека освојувањето на титулата на Африканскиот куп на нации на домашен терен е негов начин да му се одмазди на фудбалот и животот.

Фае, поради здравствени проблеми, мораше предвреме да ја заврши кариерата.

Брегот на Слоновата Коска ја освои титулата во неделата вечерта, откако во финалето ја совлада Нигерија со 2:1.

Фае беше назначен за привремен селектор во текот на турнирот, односно по завршувањето на фазата по групи. „Слоновите“ групната фаза ја завршија со катастрофалниот пораз од Екваторијална Гвинеја (0:4).

Откако како четвртата најдобро третопласирана репрезентација влегоа во нокаут фазата, Фае го предводеше тимот до третиот трофеј на Африканскиот куп на нации во историјата.

Како играч стигна до финалето на Африканскиот куп во 2006 година, турнир на кој ги играше сите натпревари, но мораше да ја заврши кариерата во 2012 година поради здравствени проблем.

„Ова е мојот начин да му се одмаздан на фудбалот и животот, бидејќи на 28 години морав да престанам да играм затоа што ми го загрозуваше здравјето. Оттогаш решив како тренер да го освојам секој трофеј што не сум го освоил како играч. Таа мисла долго време ми стоеше во главата“, изјави Фае за Би-би-си.

Брегот на Слоновата Коска мораше да брка негатива против Сенегал во осминафиналето, како и во четвртфиналето против Мали. На двата натпревари постигна израмнувачки голови во завршната фаза, па по изведувањето на пенал го мина Сенегал, а го победи Мали со гол во 122. минута.

И во финалето Брегот на Слоновата Коска имаше негатива, но со головите на Франк Кеси и Себастијан Але во вториот дел го освои трофејот.

Илјадници луѓе во понеделникот ги пречекаа фудбалерите на улиците на Абиџан.

„Ќе биде потребно време да се апсорбира сето ова. Претседателот (Аласан) Уатара ми се заблагодари и ми честиташе. Беше важно нашата земја да го освои овој турнир“, додаде Фае.

Тој беше награден со 152.000 евра и вила за успехот што го постигна со националниот тим.

Фае рече дека има големи амбиции за Светското првенство во 2026 година во САД, Канада и Мексико.

Share
Scroll to Top