Туристите заглавени на аеродромот во Дубаи изјавија дека очајно бараат храна, а во исто време остануваат без вода поради големите поплави предизвикани од дожд и грмотевици, јавува Би-би-си.
Речиси 50 лета беа откажани во вторникот, а на социјалните мрежи се појавија снимки од луксузни автомобили, кои пливаат во порои од вода и поплавени трговски центри, како и потопени аеродроми.
Надлежните упатија предупредување до граѓаните да останат дома, но патниците останаа на аеродромите и велат дека чекаат со часови и немаат информации. На шалтерите имаше голем метеж, како и групи луѓе што извикуваа, ракоплескаа и свиреа во знак на протест.
Според интернет-страницата за следење летови Flight Aware, 150 лета, кои требаше да го напуштат меѓународниот аеродром во Дубаи, биле одложени, а 120 биле откажани. „Емиратите“, водечката авиокомпанија во Дубаи, најави суспензија на услугите до четврток наутро.
Dubai Airport right now
pic.twitter.com/FX992PQvAU— Science girl (@gunsnrosesgirl3) April 16, 2024
„Во моментот се соочуваме со значителен прекин поради временските услови и континуирано работиме со нашите тимови за одговор при итни случаи за да ја вратиме нормалната работа што е можно побргу“, објави Меѓународниот аеродром во Дубаи на социјалната мрежа Х во средата.
Како што соопштија, летовите продолжуваат и денеска од терминалот 1, со напомена дека патувањето е можно само со потврдени резервации бидејќи летовите сè уште се откажани и доцнат.
Патниците преживуваа само со користење на услугите на царинските продавници, каде што производите се ослободени од локални или државни даноци, под услов да ги купуваат туристите што потоа ќе плаќаат царина и даноци во земјата на дестинација, пренесува медиумот. Џејмс и Елизабет Дивајн од Кембриџ останале заглавени на погрешен аеродром со својот шестмесечен син кога, враќајќи од свадба, нивниот лет во Сиднеј бил пренасочен. Тие слетаа на аеродромот Dubai World Central, кој е оддалечен повеќе од 80 километри од нивната наменета дестинација.
„Рестораните се затворени, единствената храна што ја имаме е од продавниците на аеродром, така што нема храна за бебиња или мали деца. Нема ниту пелени, па ги делиме со другите патници, на кои исто така им требаат“, рече Џејмс.
Имајќи предвид дека постојано пристигнуваат нови патници, Џејмс проценува дека моментно на аеродромот има стотици, ако не и илјадници луѓе. Како што велат, чекаат 13 часа, а паниката постојано расте поради недостигот на храна и вода.
Маргарет и Дерек Мекартур од Шкотска во средата требало да заминат од Дубаи за Токио. Тие пристигнале за качување во 6 часот наутро, но 13 часа подоцна сè уште немаат алтернативен лет или објект во кој би можеле да преноќат. „Немаме храна, досега пиевме само кафе. Очајни сме да јадеме, не ни дадоа ваучери и не знаеме што се случува“, рекла Маргарет.
Мат Вер, кој десет години живее во Дубаи, се присети на големиот застрашувачки облак што се појави на небото во вторникот попладне. „Небото стана целосно црно, зелено и апокалиптично, видов дека доаѓа бура. Дубаи остана под вода, илјадници куќи беа целосно поплавени“, изјави Вер.
Во вторникот Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) забележаа најголем број врнежи отколку пред 75 години. Дождот не е вообичаен во ОАЕ, но повремено се појавува за време на постудените зимски месеци.
Училиштата ќе останат затворени до следната недела, а работата од дома е продолжена за уште еден ден за повеќето вработени во владата. Претседателот исто така нареди семејствата погодени од невремето да бидат преместени на побезбедни локации. Најмалку едно лице загина во поплавата, 70-годишен маж, кој се удави во автомобил во Рас Ал-Каима, а неодамна беа објавени фотографии што покажуваат како водата ги поплавува и пустинските области.
Текстот (Видео) „Очајно сакаме да јадеме нешто“: илјадници патници заробени на аеродромот во Дубаи останаа без храна е превземен од МАКФАКС.