Во Италија стапи на сила задолжителната вакцинација на граѓаните над 50 години

пред 3 години

Во Италија стапи на сила задолжителната вакцинација против коронавирус на граѓаните над 50 години.

Оние кои не биле вакцинирани, тоа може да го сторат до крајот на јануари.

Од 1 февруари со 100 евра ќе се казнуваат оние кои не биле вакцинирани, односно не примиле втора или бустер доза и покрај можноста да го сторат тоа.

Мерката ќе биде на сила до 15 јуни и ќе важи за сите жители над 50 години, вклучително и за странските државјани.

Од 15 февруари оваа возрасна група ќе треба на работното место да покаже потврда за вакцинација или за прележан Ковид-19, а без тој сертификат ќе бидат принудени да работат од далечина.

Вработените помлади од 50 години може да покажат негативен тест за коронавирус. Оние кои ќе ги прекршат мерките се соочуваат со казни од 600 до 1.500 евра.

Воведувањето задолжителна вакцинација на постарите граѓани предизвика поделени реакции во земјата. Многу од владејачките партии ја поздравија мерката, при што премиерот Марио Драги тврди дека таа е создадена да ја заштити возрасната група со поголем ризик од хоспитализација поради заразата со Ковид-19.

Бепе Грило, основач на Движењето пет ѕвезди, најголемата парламентарна група во Италија, рече дека владината контрола се повикала на „орвеловски сцени“ кои ги оптоваруваат човечките умови.

Во саботното издание на La Repubblica, претседателот на регионот Лигурија, Џовани Тоти, коментираше дека мерката требало да ги вклучи сите возрасни лица.