Германските медиуми го критикуваат Нехамер за посетата на Москва

пред 3 години

Германските медиуми денеска остро го критикуваат австрискиот канцелар Карл Нехамер за неговата вчерашна посета на Москва и разговорите со рускиот претседател Владимир Путин.

Главниот заклучок на германскиот печат е дека е подобро да не се патува во Москва.

„ Малата Австрија сака да се претставува како градител на мостови и дипломатски великан на концерт на големите. Сè што го навело канцеларот Нехамер да замине на невозможна мисија во Москва, секако има врска со погледот на Австрија за себе“, истакнува „Зидојче цајтунг“.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува дека треба да се верува дека канцеларот Нехамер спонтано донел одлука да отпатува за Москва, бидејќи е „склон кон импулсивни настапи“.

„Велт“ пак се повикува на австриската поговорка „иако нема корист, не штети“ и истакнува дека таа најдобро го опишува патувањето на Нехамер во Москва.

„ Исходот од разговорите меѓу Нехамер и Путин е практично нула. Но, повеќе не можеше да се очекува. Русија во минатото не покажа подготвеност за разговори. Австрија негува добри контакти со Москва, но ја нема политичката и економската сила што би била потребна за да ја наведе Москва да го промени својот курс“, оценува Хамбургер Абендблат.