ОН најавија дека нема да учествуваат во присилното раселување на Палестинците

ОН најавија дека нема да учествуваат во присилното раселување на Палестинците

пред 11 месеци

Обединетите нации објавија дека нема да учествуваат во присилното раселување на Палестинците во Газа, нагласувајќи дека нема безбедно место за одење на територијата каде што е во тек израелската воена офанзива.

Портпаролот на ОН, Стефан Дижарик одговори на барањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху армијата да подготви план за евакуација на околу 1,5 милиони палестински цивили, кои побегнаа од конфликтот во Рафа на југот на Газа, со цел да се продолжи операцијата против Хамас.

Дижарик синоќа изјави дека мнозинството Палестинци на југот на Газа не можат да бидат вратени назад во северните и централните делови, кои се полни со неексплодирани мини, каде што становите се уништени, а хуманитарната ситуација е исклучително тешка поради минималните испораки на храна и други потреби.

Тој додаде дека соработката со израелските власти е „слаба“.

Портпаролот на израелската влада Ајлон Леви ги обвини агенциите на ОН дека повеќе се занимаваат со притисок врз Израел да ја прекине војната со Хамас и да се спротивстават на напорите да се испразнат упориштата на Хамас, во согласност со обврските засновани на меѓународното право, и дека таквите мерки значат принудно раселување.

„Апелираме до агенциите на ОН да соработуваат со израелските напори да ги заштитат цивилите од Хамас и да ги евакуираат од воената зона каде терористите се обидуваат да ги користат како жив штит. Не кажувајте дека тоа не може да се направи. Работете со нас за да најдеме начин“, рече Леви.

Подоцна, на прашањето на Асошиетед прес, Леви рече дека Израел не бара помош од ОН за евакуација на Рафах, туку за заштита на Палестинците „наместо да му помага на Хамас“.

Дижарик нагласи дека „не постои место кое во моментов е безбедно во Газа“ и дека ОН сакаат да обезбедат „се што се случува да биде направено со целосно почитување на меѓународното право, целосно почитување на заштитата на цивилите“ и дека ОН нема да учествуваат во присилното раселување на луѓето.

Текстот ОН најавија дека нема да учествуваат во присилното раселување на Палестинците е превземен од МАКФАКС.