Путин разговарал со Шарл Мишел, му кажал и условот за средба со Зеленски

пред 3 години

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот изјавил дека Киев не дозволува предавање на украинските бранители кои уште даваат отпор од фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол.

„На сите украински војници, националистички борци и странски платеници им е гарантиран живот доколку го положат оружјето (…) Но, режимот во Киев не ја дозволува оваа можност“, рекол Путин, според соопштението од Кремљ објавено по телефонскиот разговор меѓу Путин и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Путин исто така ги нарекол неодговорни изјавите на претставниците на ЕУ за потребата да се реши ситуацијата во Украина со воени средства, а го споменал и тоа дека многу украински воени злосторства се премолчуваат.

Шефот на Кремљ, исто така, ги обвинил лидерите на повеќето земји од ЕУ дека отворено поддржуваат русофобични мерки, мислејќи на исклучувањето на Русија од културните и спортските настани.

„Ројтерс“ објави дека Мишел во телефонскиот разговор го повикал Путин да стапи во директен контакт со неговиот украински колега, Володимир Зеленски и повикал на прекин на огнот во Украина. Тој јасно ставил до знаење дека инвазијата е неприфатлива и детално зборувал за последиците од европските санкции врз Русија, рече претставник на ЕУ.

Путин му рекол на претседателот на Европскиот совет дека ќе разговара со украинскиот претседател само доколку разговорите дадат конкретни резултати.

Рускиот поретседател посочил дека Киев не е подготвен да бара заемно прифатливи решенија и дека Украина е недоследна во преговорите, пренесува Би-би-си.

Претходно оваа недела, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Русија и ги предала клучните документи на Украина за продолжување на мировните преговори и дека топката е на украинска страна. Но, Зеленски подоцна рече дека Украина не добила никакви документи од Русија.