Членовите на руската и чешката светска јуниорска хокеарска репрезентација беа избркани од летот од Клагари до Франкфурт на новогодишната ноќ, пренесуваат агенциите.
Патниците кажале дека членовите на рускиот тим пушеле во авионот и одбиле да носат маски.
Полицијата во Калгари во соопштение кажа дека нивните аеродромски службеници одговориле на извештаите за хаос на летот на Ер Канада во петокот во 17:45 часот по локално време, пренесуваат медиумите.
Полицијата соопшти дека сите патници на летот биле принудени да се симнат, а на руските и чешките тимови не им било дозволено да се вратат во авионот.
„Калгари Хералд“ објави дека на финскиот тим му било дозволено да се врати во авионот по доцнењето. Менаџерот на чешкиот тим Отакар Черни изјави дека неговиот тим бил отстранет од авионот заедно со рускиот тим поради сличноста на нивните сиви дуксери.
„Не фрлија во ист кош со Русите и ни рекоа дека целата чешка и руска експедиција не може да се качи во авионот. Претставниците на „Ер Канада“ ни се извинија и на нивна сметка организираа хотел и лет за Франкфурт во исто време ден подоцна“, изјавил тој за чешките медиуми.
„Не уверија дека нема да летаме со истиот лет како руските хокеари“, додаде тој.
Еден патник за „Канадијан прес“ изјавил дека руски играч кој седел во негова близина пушел во кабината и одбил да стави маска.
„Пушташе руска рок музика на својот телефон“, кажал патникот.
„Рускиот јуниорски тим беше позади и се обидоа да пушат цигари, не носеа маски и не ги слушаа своите придружници“, рекол друг патник.