Талибанците сакаат да воспостават дипломатски односи со Германија, изјави портпаролот на исламистичкото движење Забиула Муџахид за весникот „Велт ам Зонтаг”.
Талибанците исто така би сакале да добијат финансиска поддршка и хуманитарна помош од Германија, како и други земји, за да соработуваат во здравството, земјоделството и образованието.
„Во минатото, Германците секогаш биле добредојдени во Авганистан. За жал, тогаш им се придружија на Американците, но сега им е простено“, рече портпаролот.
Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, изјави дека Берлин може да ја продолжи помошта за развој за Авганистан, но еден услов е Талибанците да формираат широка влада. Другите се дека треба да обезбедат да не ги засолнат терористите, да ги почитуваат човековите права, а особено женските права, да не го попречуваат пристапот до хуманитарна помош и да дозволат странци и ранливи Авганистанци да ја напуштат земјата.