Научниците од Универзитетот во Женева (Униге), во Швајцарија, веруваат дека го нашле одговорот на едно од најстарите филозофски прашања на човештвото: што е постаро, кокошката или јајцето? Според нивните заклучоци, одговорот е – јајцето.
Тие проучувале уникатен едноклеточен организам наречен Chromosfera perkinsii, откриен во морските седименти на Хаваите уште во 2017 година, но кој, според нивните сознанија, постои на Земјата со милијарди години, многу пред да се појават првите животни.
За време на истражувањето, научниците забележале дека кога клетката на овој организам ќе го достигне својот максимален раст, таа се дели, но ја задржува својата првобитна големина, создавајќи колонии од повеќе клетки кои личат на ембрионскиот развој на животните. Овие колонии опстојуваат една третина од животниот циклус на организмот и содржат најмалку два различни типа на клетки, што, според истражувачите, е крајно изненадувачки за едноклеточната форма на живот.
Еволуирале повеќе од милион години
„Тоа е едноклеточен организам, но неговото однесување покажува дека процесите на клеточна координација и диференцијација се веќе присутни во него, многу пред да се појават животните на Земјата“, изјави професорката по биохемија Омаја Дудин, која го предводеше истражувањето.
Истражувачите од Универзитетот во Женева додаваат дека е можно овој едноклеточен организам да еволуирал независно во текот на милиони години, додека не развил способност да формира ембрион.
Откритието може да има далекусежни последици. Научниците се надеваат дека резултатите од истражувањето ќе дадат клучни сознанија за анализите на фосилите стари 600 милиони години, кои исто така содржат структури слични на ембрионот и веќе ги предизвикаа традиционалните сфаќања за развојот на повеќеклеточниот живот.