Мрме ќе ја води Македонија на Европско, потврдија од ФФМ по драмата дека можеби ќе го сменат

Мрме ќе ја води Македонија на Европско, потврдија од ФФМ по драмата дека можеби ќе го сменат

пред 4 години

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија денес потврди дека Игор Ангеловски – Мрме ќе ја предводи македонската репрезентација на Европското првенство, што ќе се игра од 11 јуни до 11 јули годинава. Мрме имаше договор до ноември лани, а потоа во јавноста се појавија пишувања дека ФФМ преговара со Роберт Просинечки да биде нов селектор на репрезентацијата.

Раководството на ФФМ и селекторот Ангеловски сепак ги усогласија ставовите за новиот договор, па Мрме ќе остане да ја води репрезентацијата и на ЕП.

„Благодарност до претседателот на Федерацијата и до Управниот одбор за довербата. Не се сомневам дека репрезентацијата, како и досега, ќе ги има најдобрите услови за работа. Ќе го вложам целиот свој потенцијал да возвратиме со добри игри и да ја продолжиме успешната резултатска низа. Како што ветив, сѐ она што ми беше понудено во форма на договор го прифатив, а националниот го ставив пред личниот интерес. Благодарност до капитенот, фудбалерите од репрезентацијата и до јавноста за поддршката. Верувам дека сите заедно и сложно повторно ќе се радуваме на големи победи, а овој пат ќе славиме сите на улиците на нашиот град и нашата држава“, изјави селекторот Ангеловски.

Слична изјава имаше и претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

„Денеска потврдуваме дека го продолжуваме патот кон успехот. Со Игор лесно се договоривме за сите детали во врска со продолжување на соработката бидејќи и кај него и кај нас владееше позитивно расположение успехот што го направивме да го продолжиме заедно. Ние сме професионалци и знаеме дека добрите резултати даваат поголема шанса за задржување некоја позиција.Се гордееме на сѐ што направивме како репрезентација и Федерацијата ќе продолжи да обезбедува најдобри услови за работа како што беше и досега,“ рече тој.

За потсетување, на 45. средби Македонија под водство на Ангеловски има најдобар скор од 20 победи, 10 нерешени натпревари и 15 порази, што го прави најуспешен селектор во историјата.