Возачот на возраст од 22-години кој управуваше со автомобилот „цитроен“, и натаму се наоѓа во полициска станица, каде е спроведен по увидот.
Вториот пешак кој беше повреден, а беше придружник на загинатата 24-годишна девојка има набиеници и е пуштен на домашно лекување по приемот во градската болница св. „Наум Охридски“. Тој е во лоша психичка состојба и со лесни телесни повреди.
„Синоќа, кога бил донесен во болница му се направени сите испитувања. Нема тешки повреди, има набиеница во пределот на карлицата. Бил и видно вознемирен, што е последица на тоа што бил сведок на еден таков немил настан. Пуштен е на домашно лекување“, вели Љубен Арсенков, директоротна болницата, „Св Наум Охридски“ за „Макфакс“.
Телото на трагично загинатата радовишанка е предадено на обдукција. Случајот е во рацете на јавен обвинител во скопското обвинителство, каде ќе се истражува како точно дошло до сообраќајната несреќа.
Според информации на „Макфакс“, се чека одлука на јавниот обвинител кој ја води истрагата, да каже дали ќе побара одредување на мерка притвор за возачот. Земени му се крв и урина, за да се утврди неговата состојба во моментот кога управувал со возилото. Во полициска станица може да се задржи 24 часа односно до вечерва, а доколку не биде побаран притвор, ќе биде пуштен дома.
Сообраќајната несреќа се случи вчеравечер по 19 часот. Во двајцата пешаци удри автомобил „цитроен“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 22-годишен возач. Според првичните неофицијални информации од сведоци до кои дојде „Макфакс“, возачот излегол од една лента и влегол во средната лента на булеварот „Партизански одреди“, по што со голема брзина удрил во двајцата пешаци. Предната страна од автомобилот е искршена, заедно со стаклото кај совозачката страна.