Русија гласа за воведување задолжителен доживотен затвор за педофилите

пред 2 години

Според недамнешните измени на кривичниот законик одобрени од руските пратеници, сериските педофили би можеле да го поминат остатокот од својот живот во затвор поради повеќекратно злоставување малолетници.

Претседателот на Думата, Вјачеслав Володин, изјави дека „оние кои претходно биле осудени за насилни дејствија врз малолетници или извршиле злосторства над две или повеќе деца ќе бидат казнети“, пишува РТ.

„Продолжуваме да работиме. За нас е од големо значење да ги заштитиме децата од злоупотреба, од оние кои можат да ја искористат својата позиција за такви злосторства“, додаде тој.

„Можеме да ги испратиме да работат во рудниците“

Володин рече дека се преговара за воведување нови околности на кривичното дело, вклучително и во ситуации ако насилството е извршено од лице кое живее со дете, како и некој кој е одговорен за воспитување, образование и заштита на малолетни лица. Тој додаде дека се разговара за нов пристап за издржување казна за педофилите.

„Можеме да ги испратиме да работат во рудниците на север. Тоа би било многу полошо од смртната казна“, рече Володин.

„Тие не можат да се наречат луѓе, иако се во човечкото тело“

Комисијата ќе ги проучи сите предлози за новиот закон и ќе расправа за него на 7 февруари.

Според важечките руски закони, максималната казна доживотен затвор се изрекува само доколку делото го извршило лице кое претходно било осудено за слично дело и злоставувало малолетно лице кое не наполнило 14 години. Новиот закон ќе важи за сите такви прекршоци извршени против лица помлади од 18 години.

„Тие не можат да се наречат луѓе, иако се во човечкото тело. Се надеваме дека оваа мерка ќе ги заштити децата, семејствата и општеството од оние кои предизвикуваат непоправлива штета“, напиша Володин на социјалните мрежи.

Share
Scroll to Top