Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, се закани дека ќе ги избрка сите студенти од факултетите кои ќе учествуваат на протестите. Тој изјави дека овие студенти треба да бидат ангажирани или во војска или да бидат исфрлени на улица.
„Студенти, ако сте дојдени да учите, тогаш учите, кој сака да учи нека учи. Кој ќе го крши законот со учество на неодобрените протести, тој треба да биде лишен од правото да биде студент. Тој треба да биде испратен или во војска или да заврши на улица. Нека шетаат по улиците, но од факултите мора да бидат исклучени“, изјавил Лукашенко, кој објасни дека тоа се однесува и на професорите.
Сличен пристап Лукашенко има и кон вработените во државните претпријатија кои одговориле на повиците на штрајк. Лукашенко вели дека нема намера ниту да ги моли.
„Кога станува збор за повиците на белоруската опозиција од Полска и Литванија за ултиматумот и штрајковите, вчера премиерот изјави дека никого нема да моли. Ниту работниците, ниту студентите, ниту лекарите, ниту учителите, ниту вработените во државните институции“, изјавил Лукашенко.
Во неделата на 25. октомври, истече рокот за народниот ултиматум, кој кандидатката на претседателските избори, Светлана Тихановска, претходно им го постави на властите на земјата.
Таа наведе дека доколку барањата на опозицијата не бидат исполнети до 26. октомври, сите претпријатија во земјата ќе стапат во генерален штрајк.
Лукашенко додал дека сега е моментот кога секој жител на Белорусија, треба да го избере својот животен пат по кој ќе тргне.
„Нека одлучат каде и како сакаат да живеат“, додал Лукашенко.
Организаторите на протестите по принципот на шарена револуција, веќе, како што изјавил Лукашенко, минале седум до осум фази, а останала радикализацијата која е во тек.
„Против нас се покрена не само информативна, туку и терористичка војна во одредени правци. Тоа мораме да го пресечеме“, изјавил Лукашенко.