Демократскиот сојуз верува дека блокадата на европскиот пат на Македонија од страна на Бугарија е катострофална грешка со тешки последици по односите помеѓу двете држави и народи, а ќе се рефлекртира и на стабилноста на Балканот во целина.
„Да се негира постоењето на македонскиот народ и мкедонскиот јазик е манифестација на национализам и шовинизам. Оваа офанзива на бугарската Влада, покрај другото е и поради неоснованиот страв од рушење на границите помеѓу Македонија и Бугарија при влезот на Македонија во ЕУ, како и од нискиот рејтинг на националистичката партија предводена од Каракачанов во Бугарија, од која зависи и опстанокот на Владата на Бојко Борисов“, се наведува во партиското соопштение.
Демократски сојуз смета дека македонската Влада мора јасно и гласно да објави дека нема разговори и преговори за македонскиот народ и македонскиот јазик.
„Македонија ниту досега ниту во иднина ќе се меша во внатрешните работи во другите држави, ниту пак има територијални претензии. Се она што се постигна во последните триесет години во односите помеѓу Македонија и Бугарија, сега стои на стаклени нозе и од бугарскиот народ и власт зависи дали сѐ ќе се сруши“, порачуваат од партијата на Павле Трајанов.
Демократскиот сојуз сугерира нашата дипломатија да отпочне офанзива за да ги објасни апсурдните барања на Бугарија пред земјите членки на ЕУ и пошироко, а Парламентот да донесе Резолуција за тоа дека Македонија останува на европскиот пат.