Француската војска ликвидира регионален водач на Ал Каеда во Мали

пред 4 години

Француските сили го убија воениот водач на северноафриканското крило на Ал Каеда за време на операцијата во северниот дел на Мали, објави министерката за одбрана на Франција, Флоренс Парли.

Поранешниот полковник на армијата на Мали, Бах аг Муса, познат и како Бамуза Диара, е убиен во операцијата на француските сили, објави „Ројтерс“.

Клучната фигура во џихадистичкото движење во Сахел се верува дека е одговорна за неколку напади врз меѓународните сили и силите на Мали, се вели во изјавата на француската министерка за одбрана, Флоренс Парли.

Бах аг Муса беше десна рака на водачот на најпознатата џихадистичка група во Мали, ЈНИМ (Јама ат Нусрат ел Ислам вал Муслимин), кој редовно напаѓаше војници и цивили во Мали и Буркина Фасо.

Потегот на Франција уследи по низата операции во изминатите неколку недели во кои војниците од оваа земја убија десетици исламисти.

Франција распореди повеќе од 5.100 војници распоредени низ целиот регион, а во голем број во Мали, каде што спроведува акции против милитантите.

Share
Scroll to Top