Саудиска Арабија ќе инвестира 20 милијарди долари (околу 16,9 милијарди евра) во вештачка интелигенција до 2030 година, соопштија тамошните власти.
Најголемата економија во арапскиот свет во октомври започна стратегија за вештачка интелигенција за привлекување инвеститори, како дел од амбициозниот план на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, планот Визија 2030, за ублажување на зависноста на земјата од нафта.
„Саудиска Арабија ќе инвестира 20 милијарди долари до 2030 година“, рече Абдалах ал Гамди, директор на Дирекцијата за податоци и вештачк интелегенција, основана во 2019 година.
Според него, земјата сака вештачката интелигенција да биде компонента на алтернативната економија преку стартап и иновативни компании.
„Ние ја гледаме вештачката интелигенција како извор на дополнителни заштеди и приходи“, додаде Гамди пред онлајн самитот на лидерите на Г20 на 20-те индустриски најразвиени земји и земјите во развој во светот.
Како и другите земји богати со енергија во Заливот, Саудиска Арабија е особено фокусирана на технологијата за диверзификација на нејзината економија погодена од ниските цени на нафтата и пандемијата на коронавирусот.