Марс денес е сув и „правлив“, но некогаш беше поинаку. Во далечното минато, Црвената планета обилуваше со вода, а роверот Curiosity понуди нови докази за тоа.
Имено, роверот на агенцијата на NASA пронајде докази за поплава од неверојатни размери, до која веројатно дошло поради удар од астероид и климатските промени кои потоа следувале. Марс во денешно време е голема пустина, иако вода има во подземните солени езера, но веќе некое време е јасно дека не било секогаш така – роверите пронашле исушени речни корита, езера, дури и докази за тоа дека на оваа планета имало океани.
Роверот Curiosity во последните осум години го истражува кратерот Гејл и полека се искачува кон централниот врв Mount Sharp. Брзо стана јасно дека кратерот некогаш бил езеро кое се исушило во период од неколку десетина милиони години. Роверот пронајде седиментни структури кои укажуваат на тоа дека во оваа област се случила мега поплава пред околу четири милијарди години. Се претпоставува дека астероидот што удрил во оваа планета истопил големи количества мраз, кој ги предизвикал климатските промени и Марс го претвори во потопол и повлажен свет.