Северна Македонија првпат на министерскиот совет на ОЦЕС

пред 4 години

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ја претставуваше Република Северна Македонија на 42-риот состанок на Советот на министрите на Организацијата за црноморска економска соработка, што претставува наше прво учество на овој Форум, откако земјата пред само неколку дена стана полноправна членка на оваа Организација.

Во своето обраќање министерот ги изнесе придобивките и можностите кои ги нуди членството во Организацијата за црноморска економска соработка за земјите членки особено во економската сфера преку промовирање на духот на пријателство и добрососедство и особено продлабочување на взаемното почитување, доверба и соработка во поширокиот Црноморски регион.

„Северна Македонија, како најнова членка на ОЦЕС активно ќе придонесува во исполнување на целите на Организацијата и ќе се залага кон зголемување на нејзината ефикасност преку постигнување на конкретни економски резултати особено во областа на транспортното поврзување и енергетиката преку конструктивна регионална соработка. Оваа организација, која покрива три различни региони – Балканот, Кавказот и Црното Море, со површина од 20 милиони квадратни километри, за нас е многу важна, особено ако се има во предвид обемот на трговијата во рамки на ОЦЕС кој изнесува приближно 170 милијарди долари годишно, но и втор најголем извор на нафта и природен гас по регионот на Персискиот Залив, со што претставува еден од главните снабдувач на енергија за Западна Европа“, истакна Османи.

Тој кажа дека заедничката цел на сите земји членки е економски просперитет преку унапредување на меѓу-поврзувањето, при што дополни дека иако се соочуваме со сериозни здравствени и социо-економски последици од кризата предизвикана од Ковид-19 не смееме да останеме инертни и препуштени на судбината, туку преку активен ангажман како што е нашето зачленување во оваа нова форма на регионално економско поврзување да придонесеме за зголемување на можностите за нашите компании и бизниси, да им отвориме пазари и да ги поврземе со нивните потенцијални партнери во земјите со кои досега сме имале помалку интензивни врски и размена.

Share
Scroll to Top