Врховниот суд на Венецуела осуди на затворски казни шест поранешни директори на нафтената компанија ЦИТГО, подружница на венецуелскиот државен нафтен гигант ПДВСА, под обвинение за корупција, пренесува „Спутник“.
„Трибуналот за правда во Каракас пресуди затворска казна за екс-директорите на ЦИТГО“, објави судот на Твитер во четвртокот.
Според локалните медиуми, Хозе Переира, поранешниот претседател на ЦИТГО, бил осуден на 13 години затвор за проневера, соработка со изведувачи, злосторничко здружување и за перење пари. Други пет поранешни директори биле осудени на затворски казни од осум до десет години.
Одбраната планира да се жали на судската одлука.
Обвинетите, сите Венецуелци, од кои некои имаат и американско државјанство, беа уапсени во ноември 2017 година, откако беа повикани на состанок во канцеларијата во Каракас на државната нафтена компанија во Венецуела, ПДВСА, сопственик на ЦИТГО.
Тие беа приведени во Каракас и префрлени во Генералниот директорат за воено контраразузнавање по што беа ставени во домажен притвор во 2019 година.