Груевски: Не сум организатор на насилното влегување во парламентот, изјавата на Заев е гнасна

пред 4 години

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски реагира дека премиерот Заев дал лажна и гнасна изјава против него, посочувајќи го во судницата како главен организатор на нстаните во Собранието од 27 април.

Груевски во реакцијата вели дека Заев му прави организиран прогон кој според него во следниот период ќе биде интензивиран.

Во продолжение објавата на Груевски:

Денес Зоран Заев уште еднаш ја покажа својата патолошка омрза кон мене нечесно давајки лажна и би рекол гнасна изјава со држење политички говор во судот дека јас сум бил организатор на настаните од 27 април 2017 година. Тој денес уште еднаш јавно покажа дека е промотор на овој длабок и интензивен политички прогон врз мене каков што одамна не се случил во македонската историја.

Токму тој, понекогаш во соработка со други негови соработници, лично го осмислува и го нарачува прогонот против мене, често и кон мои блиски соработници со цел да ги притисне и уцени да бидат сведоци во неговиот нечовечки нагон да ми направи најголеми можни штети, понижувања, апсења, судења, пресуди, затвори и секаков друг вид малтретирања.

Има повеќе причини за тоа, а едно од тие сигурно е што јас сум антипод на неговите политики на промена на уставното име, идентитет и историја на македонскиот народ, но и антипод на неговите безидејни економски политики и редица други политики и резултати.

Добро е што јавноста знае колку тежи зборот и колку е искрен со јавноста и со сите околу него, бидејќи постојано и безмалку континуирано јавноста, граѓаните се сведок на неговите лаги и лажни ветувања. Од она што го дознавам во последните месеци на многу негови блиски и не многу блиски им говори дека во овој мандат ќе направел најголеми можни напори и активности да ме затворел, употребувајќи секакви можни и најбрутални методи. И во тоа е постојан и посветен. Од лажни и паушални сведочења како денешното, изнуда на изјави и сведоци, следења, заплашувања, уцени, притворања и други дивјачки методи кон моите блиски и соработници, па до креирање на нови судски случаи, диктирање на пресуди на судиите на сите нивоа а потоа и нивно наградување за послушноста, давање задачи на обвинителите и инструкции на контролираните од него медиуми.

Зоран Заев знае дека јас не сум организатор на насилно влегување во парламентот и физички пресметки во него.
Знае и свесен е дека нема никаков доказ за тоа, затоа што тоа е невистина.

Тој знае дека ниту обвинетите на чие судење беше денес повикан како сведок, на кои исто така по негова нарачка им судат, не нарачале насилство од било каков вид, независно дали е насилен влез во собранието или употреба на физичка сила кон пратеници, ниту организирале тероризам. Тие се обвинети како и многу други, со цел да бидат исплашени, да паднат со духот, да бидат уценети и скршени и да прифатат да бидат негови соработници во гнасното сценарио за неправеден прогон кон мене, кое откако не му помина се обидува да го поправи впечатокот за неговите валкани игри во нивните очи.
Тие се невини. Тие не се ниту организатори, ниту изманипулирани ниту можеле да организираат терористички акт кој не се случил. Како што и оние кои се во затвор а кои се осудени со лажна и невистинита квалификација за тероризам.

Share
Scroll to Top