„3000 амандмани поднесени од страна на опозиционите партии се само крик на опозицијата во однос на она што власта сака да го демонстрира во Собранието, а тоа е непочитување на опозицијата, неразговарање, избегнувањето на дијалог со сите политички партии, изјави Никола Мицевски, Координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.Опозицискиот блок вчера ги поднесе амандманите со што пропадна обидот да почне расправата за измена на собранискиот Деловник со кој треба да се отвори можноста за онлајн работа и дискусии на пратениците коишто се заразени или се во изолација поради Ковид-19, коишто ги предложи собранскиот спикер Талат Џафери.
„Јас очекував да седнеме и да поразговараме за оваа онлајн идеја која што ја турка владеачкото мнозинство имајќи во предвид дека Собранието е функционално. Ние во парламентот имаме минимум 115 пратеници кои се секогаш присутни на седница, кои што може да разговараат и дискутираат за се’. Единствената причина поради која што се бара ова онлајн Собрание е малиот број на пратеници од владеачкото мнозинство. 62 пратеници е далеку од функционално мнозинство кое што би можело да работи без да се усогласува по однос на законите и она што доаѓа како материјал во Собранието со опозицијата. Да не заборавиме дека 58 пратеници од опозицијата претставуваат повеќе од пола милион граѓани на оваа држава и тие пола милион граѓани кои што го дале гласот за опозицијата очекуваат нешто од таа опозиција и се на ставовите заедно со опозиционите партии.
За жал, немаше слух од страна на владеачкото мнозинство, се поднесе овој Предлог Деловник без консензус. Инаку, знаете дека Жан Моне процесот е процес во кој што консензуално се договараат одредени измени по основ на Деловникот и ние постигнавме некој напредок и се надевам дека на следниот Жан Моне и оние мали несогласувања ќе ги усогласиме за да можеме да имаме еден Деловник кој што ќе одговара и на власта и на опозицијата“, изјави Мицевски.
„Ние уште на самиот старт кажавме дека формирање на Влада со поддршка од 62 пратеници не е некоја добра одлука, меѓутоа така решија да работат и ние сме тука за да ги освестиме и да ги разбудиме од сето она што го прават во изминатиот период. Морам да потсетам дека секое она законско решение поврзано со одредени бенефиции на граѓаните, помагање на економијата, помагање на стопанството, на здравствената криза, од страна на ВМРО-ДПМНЕ не беа закочени во изминатиов период, напротив даваме целосна поддршка и со наши амандмани пробуваме да ги подобриме тие законски решенија. Меѓутоа се она што не е поврзано со кризата, се она за што нема консултации и дијалог, од страна на опозицијата ќе биде оспорувано. Имавме примери во минатото дека и двотретински реформски закони кои што беа важни за државата, беа поддржани од ВМРО-ДПМНЕ како опозиција, исто ќе биде и во наредниот период, меѓутоа само за закони кои што се поврзани со оваа криза и за подобрување на состојбата, како економската така и здравствената на граѓаните во Република Македонија“, додаде тој.