Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, заедно со заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски денеска во Штип оддржаа состанок со сточарите.
На состанокот се разговараше за проблемите со кои се соочуваат дел од сточарите, за откупната цена на јагнето и за тоа како стоката да презими.
Директорот на АФПЗРР ги информира сточарите дека денеска на сметките на сточарите се легнати и парите за трета фаза произведено и предадено млеко, средства кои ќе им помогнат да ги набават храна за презимување на стоката.
„Денеска на сметките на 7.183 лица исплативме 225 милиони денари за произведено и предадено млеко, трета фаза. Ова се средства кои се од исклучително значење за сточарите, затоа што ќе помогне да набават се што им е потребно за презимување на стоката. Во рок од неполн месец, исплативме вкупно 377 милиони денари за втора и трета фаза предадено млеко. Со ова практично, целосно ја затворивме исплатата за произведено и предадено млеко за 2019 година. Исто така од денеска е отворен е – системот за поднесување на барања за органско производство. Аплицирањето трае до 25- ти декември“, истакна Бабовски.
Директорот посочи дека Агенцијата ќе продолжи со навремена и неселективна исплата на субвенции за сите кои правно – законски ги исполнуваат условите за добивање на финансиска поддршка во земјоделството.
Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, истакна дека во изминатиот период министерството креираше сет на мерки кои помагаа во сточарството.
„Имаме дефицит за месо, мерките кои ги воведовме се во насока на намалување на потребата од увоз на месо и задоволување на потребите од домашни производство. Преку огласите за набавка на педигрирани грла, веќе создаваме домашни матични стада кои имаат добар генетски потенцијал, а со тоа директно влијаевме и на квалитетот. Во нареден период ќе биде објавен и оглсот за субвенционирање на плати за сточарите, кои исто така се намалување на трошоците кои ги имаат. Веќе се креираат и нови мерки кои ќе помогнат во подобрување на квалитетот и на месото и на млекото.“истакна Димковски
Заменик министерот Димковски, посочи дека земјоделството е наша шанса за успех. Им порача на фармерите сите заедно да работат на производи со додадена вредност што позитивно ќе се одрази и врз фармерите и врз земјоделците, но и врз бруто домашниот производ и економскиот раст на државава.