Над 1.000 физички и правни субјекти аплицираа на петте јавни повици за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор кој минатиот месец ги објави Министерството за економија. Сите кои аплицирале ќе добијат државна помош, информира министерот за економија, Крешник Бектеши.
Тој денеска на средба со претставници од туристичко-угостителскиот сектор информираше дека е задоволен со бројот на апликации, пред сѐ бидејќи финансиската поддршка е наменета за оние кои беа најпогодени од пандемијата.
„Во Четвртиот сет имавме неколку мерки кои предвидуваа директна поддршка на секторот туризам и угостителство. Минатата недела на 4 декември заврши рокот за аплицирање на петте јавни повици кои ги објави Министерството за економија, а се однесуваат за мерките за поврат на платена туристичка такса за 2019 година, како и директни грантови за туристички агенции, туристички водичи, игротеки и ноќни клубови. Во Министерството за економија согласно крајниот рок пристигнаа над 1.000 апликации, а денеска сакам да информирам дека сите кои што аплицирале ќе добијат финансиска помош“, кажа Бектеши.
Тој рече дека заедно со претставниците од туристичко-угостителскиот сектор веќе се работи на креирање на програмите и мерките за поддршка за следната година, за што во предлог-Буџетот на Министерството за економија за 2021 година веќе се предвидени финансиски средства.
„Очекуваме следната година по стивнувањето на пандемијата секторот туризам и угостителство полека да се врати на стапките на раст кои што ги имавме во 2019 година, за што Министерството за економија е во континуиран дијалог со овој сектор за креирање на мерки кои ќе имаат најдобар резултат“, кажа министерот.