Германската канцеларка Ангела Меркел утре треба да одржи состанок со гувернерите на 16 сојузни држави, на кој ќе се разговара за заострување на рестриктивните мерки против ширењето на Ковид-19. Како што наведуваат германските медиуми, од новите мерки можно е и затворање на училиштата и продавниците, тврдат извори запознаени со ситуацијата.
Изворите додаваат дека на утрешниот состанок ќе стане збор токму за тоа, дали треба да се затворат продавниците пред Божик и кога да се направи тоа.
Одделенијата за интензивна нега во земјата се полни, како и некои регионални болници.
Германија го почна вториот бран на пандемијата со делумно заклучување, што се чини дека не функционира, анализираат медиумите. На почетокот на ноември беа затворени сите ресторани, кафулиња, барови, како и театри, кина, спортски сали и други објекти. Но, продавниците останаа отворени и училиштата и градинките работат сосема нормално.
Ограничувањата воведени со делумното заклучување ја следат идејата за забрана на сè она што луѓето го уживаат во слободно време, но, од друга страна, економијата да биде поштедена што е можно повеќе.
Традиционалните предбожикни саеми не се одржуваат оваа година, но многу сопственици на ресторани, на кои им е дозволено да продаваат храна за носење, исто така нудат греено вино за надвор. Така тие заработуваат малку пари со цел да ја намалат загубата како резултат на целосно затворање.
За тоа што е дозволено, а што е забрането одлучуваат самостојно владите на сојузните покраини. Како резултат на тоа, ограничувањата поради короната во Германија се нееднакви и во некои случаи крајно контрадикторни.