Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер предупреди дека ситуацијата во врска со пандемијата на коронавирус во земјата е крајно сериозна.
Тој посочи дека ситуацијата во Германија е пред излегување од контрола и најави воведување на драстични мерки од среда (16 декември).
„Вирусот е сè уште многу присутен. Затоа од среда ќе воведеме рестриктивни мерки што не се видени во историјата на нашата сојузна држава. Ситуацијата е многу сериозна. Се соочуваме со пандемија што избега од контрола и одзема илјадници животи секоја недела. Значи, нема начин да се избегнат драстичните мерки“, рече Штајнмајер во видео порака до германскиот народ, пренесува агенцијата АП.
Штајнмаер апелираше до своите сограѓани да направат дополнителни напори и на тој начин да помогнат во спроведувањето на новите ограничувачки мерки.
„Пандемијата трае скоро една година, а сега најважно е да се зачуваат здравјето и животот на луѓето. Во последните месеци, поминавме долг пат, продолжуваме до крај заедно и се грижиме едни за други. Убеден сум дека пандемијата не може да ни ја одземе иднината“, рече Штајнмајер и апелираше до граѓаните да избегнуваат божиќни пазарање во последен момент.
Претходно беше објавено дека германската канцеларка Ангела Меркел и премиерите на сојузните покраини се согласиле за воведување затворање на национално ниво кое ќе трае од 16-ти декември до 10-ти јануари.
Така, од среда во Германија ќе биде заторено речиси сѐ, освен продавниците за храна, аптеките и оптичарите.