(Видео) Гувернерката Ангеловска-Бежоска учествуваше на панел дискусија на ЦЕФ од Словенија

пред 4 години

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, учествуваше на панел-дискусија во организација на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ) од Љубљана, на тема „Навигација кон новата нормална економија“. Тема на панел-дискусијата беа предизвиците коишто ги наметна корона-кризата на повеќе полиња и за јавниот и за приватниот сектор, при што акцентот беше ставен и на просторот за соработка помеѓу нив за полесно справување со последиците од кризата, но и ползување на можностите коишто ги носи таа.

На почетокот на дискусијата, гувернерката се осврна на специфичноста на оваа криза, вклучително и на потребата од исклучително брзо делување и носење одлуки коишто ќе се засноваат на чести, брзи и грануларни податоци. Притоа, таа укажа на неколку фактори коишто во изминатиот период го поддржаа процесот на носење одлуки. Прво, таа ја посочи зајакнатата координација на монетарната и фискалната политика, што е особено важно за оптимална комбинација на олабавени политики за поддршка на реалната економија, без притоа да се загрози стабилноста на фиксниот девизен курс. Понатаму, посебно ги истакна расположливите податоци за носење соодветни одлуки. Во изминатата деценија, глобалната финансиска криза делуваше како катализатор за збогатување на грануларните сетови податоци особено за финансискиот сектор, коишто беа клучни за согледување на предупредувачките знаци во рана фаза и преземање соодветни мерки. Нашите напори пред кризата за постојано збогатување на расположливите податоци и за усогласување со највисоките статистички стандарди значително придонесоа за олеснување на одлучувањето за монетарната политика. Потврда за напредокот е членството во највисокиот глобален статистички стандард СДДС плус во 2019 година.

Понатаму, се разговараше за последиците од пандемијата врз работната околина, начинот на работа и справувањето со секојдневните предизвици. Во овие рамки, гувернерката се осврна на значењето на лидерството во услови на криза и на потребата за мотивација на вработените, особено во услови на криза којашто делува врз сите аспекти на нашето живеење и работење.

„Општо земено, се обидуваме да го нагласиме принципот на „луѓето пред сѐ“, бидејќи сметаме дека тоа е клучот не само за справување со пандемијата, туку што е поважно, за излегувањето од неа посилни и поотпорни. Поставувањето на здравјето како приоритет опфаќа покажување емпатија и целосно препознавање и прифаќање на специфичните услови. Во исто време, продолжуваме со редовната секојдневна работа, обезбедувањето непрекинатост на процесите, со повеќето развојни проекти и непрестајното справување со предизвиците што ги постави пандемијата на ковид-19 пред нас за време на нашите мандати. Се надевам дека со ваков однос ќе успееме да внесеме рамнотежа и да им пружиме поддршка на вработените во овие исклучително тешки моменти на закана за нашата благосостојба“, наведе гувернерката.

Share
Scroll to Top