Чешка и Словачка не се согласуваат со заклучоците за проширување на Европската унија кои беа понудени вчера во Советот на амбасадори во Брисел.
Предлогот на заклучоците од германското претседателство го вклучува барањето на Бугарија да се додаде реченица која се однесува на „погрешното толкување на историјата“ во дел поврзан со Македонија и Бугарија. Ова барање досега беше одбивано.
Заклучоците треба да бидат донесени најдоцна во следните два дена. Сепак, Чешка и Словачка, побарале повеќе време за консултации околу понудените заклучоци.
Двете земји-членки сметаат дека вклучувањето на историскиот контекст во официјални документи на Европската унија претставува преседан и го комплицира понатамошното проширување на Унијата
Двете земји предупредуваат дека оваа формулација поврзана за историјата не е предмет за ЕУ и дека не треба таа да суди кој како се идентификува и каков јазик говори.