Според Извештајот на Европската опсерваторија за безбедност на патиштата при Европската комисија за 2018 година, зборувањето на мобилен телефон додека возите е опасно, без разлика дали е со користење на рацете или без нив, бидејќи вниманието на возачот е нарушено од самиот разговор, па така реакцијата на возачот е за 50 проценти побавна додека зборува на мобилен телефон во однос на нормални услови и за 30 проценти побавна во споредба со возење со 0,08 промили алкохол во крвта.
Пишувањето пораки за време на возењето, според Извештајот, особено е опасно и влијае на држењето на својата страна од патот, откривањето на опасноста и реагирањето на сообраќајните знаци. Според анализите пишувањето пораки за време на возењето претставува поголема опасност од зборувањето на мобилен телефон, возењето под дејство на алкохол или пушењето канабис.
Употребата на мобилен телефон додека се вози е најмногу застапено меѓу помладите возачи.
Според Извештајот на Европската опсерваторија за безбедност на патиштата при Европската комисија, возачите околу 25 до 30 проценти од вкупното време на возење го минуваат во активности кои им го одвлекуваат вниманието, од кои околу половина се на разговор со сопатник.