Народната банка првпат објави статистички податоци за годишните финансиски сметки на македонската економија

пред 4 години

Народната банка започнува со објавување статистички податоци за годишните финансиски сметки на македонската економија. Податоците се изработени согласно со меѓународните и европските статистички стандарди и се однесуваат на состојбите на финансиските средства и обврски по финансиски инструменти и подинструменти за секој институционален сектор и потсектор на националната економија, како и на секторот странство.

Од Народната банка наведуваат дека статистиката на финансиските сметки е исклучително важна и воедно една од најкомплексните статистики.

На веб-страницата на Народната банка, податоците за финансиските сметки се објавени во стандардизирани извештајни табели (дводимензионални матрици), на неконсолидирана основа за секој институционален сектор на домашната економија, како и за секторот странство. Временската серија се однесува на периодот 2013-2019 година и содржи податоци за годишните состојби на финансиските средства и обврски по финансиски инструменти.

Истовремено, на веб-страницата на Народната банка се објавени и методолошки објаснувања за составување годишни финансиски сметки, коишто содржат подетални информации за дефиницијата и класификациите на институционалните сектори и на финансиските инструменти, како и на изворите на податоци и применетите методи при компилацијата на финансиските сметки.

„Изработката на годишните секторски финансиски сметки е уште еден исчекор кон обезбедување на потребните дополнителни показатели во рамките на највисокиот статистичкиот стандард за дисеминација на податоци СДДС плус, како и за сетот на показатели во рамките на процедурата за макроекономски нерамнотежи на ЕУ, со кои се утврдуваат внатрешните и екстерните нерамнотежи на земјите. Објавувањето на статистичките податоци за годишните финансиски сметки на македонската економија е уште една потврда на постојаните напори на Народната банка за целосно исполнување на највисоките статистички барања и за спроведување на меѓународните принципи и правила во статистиката. Усогласувајќи се со меѓународните и европските статистички стандарди, Народната банка покажува и подготвеност за натамошно унапредување на своето работење и навремена подготовка за пристапување кон Европскиот систем на централни банки, што е и една од нејзините стратегиски цели“, соопштија од Народната банка.

Share
Scroll to Top