Полицијата на аеродромот во Чикаго уапсила човек, кој поминал три месеци во обезбеден дел од аеродромот.
Тој тоа го сторил од страв да не патува со авион среде епидемијата на коронавирус.
Адита Синг (36) целосно незабележан престојувал во делот на аеродромот за меѓународен сообраќај, а бил уапсен дури откако полицијата го легитимирала, објавило обвинителството, а пренесува „Хина“.
Додека му ги проверувале документите, тој на полицијата и покажал картичка на која пишувало дека е менаџер на аеродромот. Вистинскиот сопственик на картичката пријавил дека го изгубил документот во октомври.
Синг ја пронашол картичката на аеродромот каде останал подолго од предвиденото затоа што наводно се плашел да влезе во авион и да се врати дома поради вирусот.
Синг живее во предградијата на Лос Анџелес и нема криминално досие. Засега не е познато дали има некоја подлабока заднина поради која тој останал во Чикаго.
Обвинет е за упад во забранета област на аеродромот и кражба на документ за идентификација.