„Тивко ја исплакав, ја сместив во срцето и си ветив дека ќе ѝ го разубавам животот“- Сузана Турунџиева за пријателството со Атиџе

„Тивко ја исплакав, ја сместив во срцето и си ветив дека ќе ѝ го разубавам животот“- Сузана Турунџиева за пријателството со Атиџе

пред 4 години

Атиџе Муратова, хероината од „Медена земја“, неодамна прослави роденден. Тоа беше 57. роденден, кој таа првпат го прослави со торта, во еден скопски локал. И сето ова ѝ го организираше пејачката и водителка Сузана Туруџиева, која изминатиов период постојано се залага да ѝ помогне на Атиџе. Не ретко ќе ги видиме како заедно пеат, на фризер додека се разубавуваат, на шопинг, а неодамна заедно се возеа и на санки на Попова Шапка. Сузана ни раскажа за тоа како почнала приказната со Атиџе и нивното пријателство.

„Пријателството со Атиџе постои од денот кога јас и моите пријатели ја посетивме во Бекирлија. Тоа беше некаде во почетокот на септември минатата година. Всушност, за тој ден сонував од тогаш кога првпат го изгледав документарецот ‘Медена земја’. Емоцијата која тој ден ми се разбуди гледајќи ја неа, толку посебна и несекојдневна, а толку своја, ќе ја паметам додека сум жива. Откако го изгледав еднаш филмот, ги одложив сите обврски и го вратив уште 2-3 пати од почеток, анализирајќи го секој детаљ, сцена, секој збор и поглед на Атиџе. Ја исплакав тивко во себе, си ја сместив во срцето и си ветив дека ако еден ден имам можност да ја сретнам, ќе направам сè за да ѝ го разубавам животот“, раскажува Турунџева за „Репортер“.

Всушност, Атиџе не е единствената хероина на која Сузана решила да ѝ помогне. Малкумина знаат дека таа се трудеше и околу покојната Атина Бојаџи, македонската пливачка која го преплива Ла Манш.

„Јас низ животот се трудев да ѝ помогнам. Посебно сум слаба на хероини. Покојната Атина Бојаџи беше исто така една од оние силни жени кои соочени со безброј животни препреки, осамена и заборавена од сите, освен од малку пријатели кои останаа, не можеше да излезе на крај со неприликите и неправдите во животот. Таа живееше сама во гарсоњера која ѝ беше привремено доделена, а нејзините месечни приходи беа едвај 6.000 денари месечно“, раскажува Сузана.

Таа се сеќава на деновите минати со Атина Бојаџи и вели: „Боледуваше од највисок степен на остеопороза, за жал имаше преживеано четири мозочни удари, и се справуваше со сериозни кардиоваскуларни проблеми. За терапијата која таа требаше задолжително да ја прима ѝ требаше многу повеќе од тоа што месечно го примаше. Јас се потрудив на секаков начин да ѝ помогнам. И ѝ помагав. И индивидуално, но и со помош на моите пријатели. Бидејќи тогаш работев во првата приватна независна телевизија А1, заедно со Фондацијата Рамковски и Велија Рамковски, на мое инсистирање, на Атина во последните три години од нејзиниот живот ѝ овозможивме да живее подостоинствено, порелаксирано и да може да има доволно средства за да си ги плати лековите.

Се трудевме да има достоинствен живот, дури и нешто да ѝ остане. Освен тоа, Фондацијата ја прогласи и за „Спортист на векот“, ѝ доделивме парична награда од 10.000 евра“, раскажува Турунџиева, еден приказна за која ретко кој знае. И додава дека низ цело ова време постоеле и други, како децата од домот без родители, на кои се обидувала таа да им помогне.

Што се однесува до Атиџе, Сузана вели дека во неа ја нашла својата инспирација. Светла точка и потсетник кој ми го подарил животот за во ниеден миг да не заборави дека треба да сме благодарни за она што го имаме, а не да кукаме за она што го немаме.

„Нејзината смиреност, едноставност, непосредност, позитивен став за сè во животот и таа уникатна животна филозофија за која ни самата не е свесна дека ја поседува ме прави многу поупорна и поподготвена да се трудам да изнаоѓам многу начини како да ѝ го разубавувам и олеснувам секојдневието. Морам да нагласам дека сето ова јас не го правам затоа што сум во некоја финансиска благосостојба, туку затоа што така ми вели срцето. Љубовта, пријателството, достоинството и семејството не се купуваат со пари“, раскажува Сузана за „Репортер“..

Вели: „Знам дека не можам да и надоместам за ништо што не проживеала во минатото, но затоа се обидувам од сега па натаму, колку што можам да направам сè за таа да ги доживее сите оние ситни радости за кои не се потребни многу пари, ниту богатства. Потребна е желба, добра волја, организација, малку акција и луѓе со добри и благородни срца кои ми излегуваат во пресрет цело време и се нудат да помогнат за да ја усреќиме Атиџе. Бескрајно сум им благодарна, затоа што во сето ова јас не сум сама“, раскажува позната пејачка. За 57. роденден на Атиџе се договориле да бидат заедно, и благодарение на неколку пријатели овој нејзин досега прв прославен роденден го одбележале три дена.

“Првиот ден бевме гости во Ресторанот Light во центарот на Скопје каде ни приредија неверојатен пречек, а следниот ден се качивме на Шар Планина. Без двоумење таму изнајмивме санки и се забавувавме како никогаш досега. Иако носевме маски, капи и шалови, таму ја препознаваа на секој чекор. И децата, но и возрасните, сите посакаа да се фотографираат со неа. За уживањето да биде уште поголемо, во ресторанот Дриада во с. Гајре ѝ приредија уште едно изненадување, а таа беше збунета, но преблагодарна, на домаќините и на присутните, кои не престануваа да посакуваат да се сликаат со неа“.

Третиот ден од славењето го прославивме дома, со речен сом, кој го улови нејзиниот внук Раим од реката Брегалница (за која пее Атиџе во нејзините песни), и тоа беше највкусната риба која досега сум ја пробала. Наскоро, благодарение на нашите пријатели Роберто Кентаур и Огнен Неделковски, кои направија песни за нас две, ќе влеземе во студио и ќе ги снимиме првите заеднички композиции.

Александра Георгиев 

Share
Scroll to Top