Шест режисери чии филмови претходните години беа наградени со Златна мечка, оваа година ќе бидат жири на Берлиналето. Поради пандемијата со короната, популарниот филмски фестивал овојпат ќе се одржи во два дела, па 1 до 5 март жирито ќе ги гледа филмовите, а од 9 до 20 јуни ќе се одржи свеченоста и доделувањето на наградите на најдобрите филмови и автори, соопштија организаторите.
Филмовите што ќе се натпреваруваат и прикажуваат во сите програми ќе бидат објавени меѓу 8 и 11 февруари.
Годинашното Берлинале нема да има претседател, а членовите на жирито ќе ги гледаат филмовите во живо во кино во Берлин. Во жирито се ланскиот лауреат Мохамад Расулоф кој посвои награда за филмот „Не постои зло“, Надав Лапид, Адина Пинтиле, Илдико Енједи, Џанфранко Роси и Јасмила Жбаниќ.
„Среќен сум и почестен дека шестмина филмаџии на кои им се восхитувам, ентузијастички ја прифатија нашата покана да учествуваат во ова уникатно издание. Тие не само што имаат различни пристапи во креирањето на филмови без компромиси и создавањето смели приказни, туку исто така се дел од историјата на Берлиналето. Во ова време, од големо значење е и голем знак на надеж дека лауреатите на Златната мечка ќе дојдат во Берлин и ќе гледаат филмови в кино. Со тоа ќе им дадат поддршка на колегите“, изјави уметничкиот директор Карло Катријан.