Руската вакцина „Спутник V“ е 91,6 проценти ефикасна против Ковид-19

пред 4 години

Руската вакцина против коронавирус „Спутник V“ се покажа како 91,6 проценти ефикасна во третата фаза на клиничките испитувања, покажуваат резултатите објавени во медицинското списание „Лансет“.

Научниците велат дека овој резултат во доцната фаза на клиничките испитувања значи дека постои уште една ефективна вакцина против Ковид-19 во светот, и дека одлуката на Москва да ја стави вакцината во употреба пред да завршат тестовите е донекаде оправдана.

„ Клиничкото истражување беше спроведено на 19.866 волонтери, од кои една четвртина добија плацебо“, рече водечкиот научник на институтот Гамалеа, Денис Логунов, пренесува Гласот на Америка.

Инфекција е забележана кај 16 волонтери кои примиле вакцина, додека имало 62 лица кои се заразиле и примиле плацебо. Резултатите покажуваат дека двете дози на вакцината, примени со разлика од 21 ден, се 91,6 проценти ефикасни против Ковид-19.

Вакцината се покажа како ефикасна 91,8 проценти кај оние над 60 години и нема сериозни несакани ефекти. Резултатите укажуваат на тоа дека вакцината е ефективна дури 100 проценти во случаи на умерена и тешка болест, што беше покажано кај 78 испитаници.

Share
Scroll to Top