Барселона успеа да се пласира во полуфиналето на Копа дел реј, откако во луд меч, прво мораше да се враќа од 2:0 негатива во последните минути од мечот, за потоа да се постигнат уште четири гола за 3:5 победа.
Лео Меси беше стартер за Блауграна и помогна во првото полувреме Барса да има неверојатни 13 обиди за гол, но во 33. минута по катастрофална грешка на одбраната на гостите, Самуел Умтити ја загуби топката и Кенеди го донесе клубот од Андалузија во водство.
Кога се очекуваше гостите да се консолидираат на почетокот на второто полувреме нов шок – нова грешка на одбраната и ветеранот Роберто Солдадо го „матираше“ Тер Штеген за 2:0. Во 88. минута по убавата топка од Меси, Антоан Гризман ја смести топката во мрежата, пред Жорди Алба во 92. минута да обезбеди продолжувања во Андалузија.
Гризман повторно во 100. минута постигна гол за 2:3 водство по убавото нафрлање од Алба, но Гранада успеа да израмни три минути подоцна од пенал преку Феде. Во второто продолжение, фаворитот сепак, стигна до победа, откако Френки де Јонг во 108. и Алба повторно во 113. минута да ја обезбедат победата.
Во полуфиналето на Кралскиот куп покрај Барса се пласираше и Леванте на македонскиот репрезентативец Енис Барди откако во 120. минута дадоа гол за 1:0 победа над Вилјареал. Севилја е третиот полуфиналист, додека последниот ќе се добие по утрешниот меч помеѓу Реал Бетис и Атлетик Билбао.
КОПА ДЕЛ РЕЈ, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Леванте – Валјадолид 0:0, 1:0 по продолженија
Гранада – Барселона 2:2, 3:5 по продолженија